Насловна / Архитектура / Архитектонски натпревар – Берлински универзитетски резиденции

Архитектонски натпревар – Берлински универзитетски резиденции

Како би сакале да живеете?  е прашањето кое го постави архитектонскиот натпревар БЕРЛИНСКИ УНИВЕРЗИТЕТСКИ РЕЗИДЕНЦИИ, кое се однесува на редефинирањето на колективните модели на времено живеење во квартот Кројцберг (Kreuzberg), Берлин.  Квартот Крoјцберг е место на алтернативната младинска култура, a  самиот град Берлин денес бездругоe е ден од светските културни  метрополи. И покрај мачното минато во дваесеттиот век, градот Берли, денес е пример на религиозна толеранција и мултикултурна коегзистенција, универзитетски град каде младите луѓе од Германија и целиот свет доаѓат да учат, да создаваат и да се дружат.

АрхМедиум (ArchMedium) е организатор на архитектонскиот натпревар за студенти и млади архитекти. Од  2009, АрхМедиум создава една дигитална платформа на  архитектонските академските натпревари, како едно место каде школите од целиот свет се претставуваат, воспоставувајќи различни пристапи за секој проект. Тоа им овозможува на  студентите и младите архитекти да го покажат на практичен пример, на различните  избрани локации, она за што тие теоретски учат во текот на студиите, следејќи ги зборовите на Патрик Гидс (Patrick Geddes) „Мисли глобално , делувај локално“.

Предлагајќи ја програмата, за овој архитектонски натпревар, на архитектонското студио 8/1 (2015-2016) на Архитектонскиот факултет -Скопје, прво, сакавме темата на архитектурата на студентските домови да ја изучиме во еден специфичен контекст, второ,  посредно да ја актуелизираме темата на колективното домување и креативното согледување на студентското домување и во нашите социо-културни услови.

untitled-1

Сл1. Локацијата на Берлинските универзитетски резиденции која граничи со калканите кои се предмет на артистички графити интервенции, Кројцберг, Берлин.

На границата кон реката Шпре, помеѓу западната и источната страна на Берлин, помеѓу урбаното ткаење и екцесите на инфраструктурните продори, помеѓу старите  згради и новите архитектонски креации, помеѓу мултикултурната сцена на Кројцберг и знаците на ксенофобијата, понудената локација на  конкуросот за студентските резиденции нуди мноштво интерпретации. Токму затоа избравме три проекти, три  елементарни концепти од три студентски тимови кои на специфичен начин одговорија  на поставеното прашање, Како сакате да живеете?  Проектите на  трите тимови (Синиша Павловски, Илија Мирчески; Тамара Симјановска, Елена Сотировска; Ирина Цоневска, Марија Гелмановска, Александар Кочовски, Лилјана Јанкова)  секој на свој начин ја покажа провокацијата натемата на  Берлински универзитетски резиденции како  место за средба на студенти, млади дипломирани студенти, семејства и туристи кои сакаат поинакви искуство во еден од најкарактеристичните квартови на Берлин.

На конкурсот за Берлинските Универзитетски резиденции, организиран од АрхМедиум пристигнаа 285 проекти, доделени се три први места и 10 пофалници. Проектот на студентите Синиша Павловски, Илија Мирчески  (SP!M) од Архитектонскиот факултет во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,  е добитник на една од почесните пофалници. Ова е секако успех на младите колеги  Синиша Павловски и Илија Мирчески,  но и промоција на Архитектонскиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на меѓународната архитектонска сцена.

 

КАКО БИ САКАЛЕ ДА ЖИВЕЕТЕ?

Синиша Павловски, Илија Мирчески – SP!M:living_room

Во однос на различнините урбани фрагменти ние ги дефинираме елементите на проектот  како почетна точка за креирање на еден  просторен концепт на ново искуство на живеење. Квалитетите на околното урбано ткиво дефинирани преку основните елементи како, активно приземје и внатрешни џебови/дворови во самите згради ги препознавме како битен елемент во пронаоѓањето на нови решенија и одговори. Самиот објект интегрира во себе активно приземје со можност на различни алтернативни активности (јавен дел ,,дневна соба‘‘),  и внатрешни дворови околу кои се групирани заедничките содржини. Програмската структура е поделена на два основни дела, отворен простор од јавен карактер и затворен простор кој останува приватен за самите корисници на студентскиот дом. Релациите помеѓу двата вида на простори, отворен – јавен и затворен -станбен дел е направен преку заедничките содржини групирани околу внатрешните дворови. Приватниот простор ги вклучува сите типологии на соби кои се развиени  од  еден просторен  модул и  поставени на  платформа која е подигната од тло. Овој приватен простор и начинот на кој што е издвоен/издигнат и поврзан со околината, дозволува подобри квалитети за живеење, студирање и социјализирање.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Проект на Синиша Павловски и Илија Мирчески (SP!M)  на натпреварот организиран од страна на ARCHmedium. Barcelona, España (archmedium.com) под наслов BERLIN UNIVERSITY RESIDENCES (БЕРЛИНСКИ УНИВЕРЗИТЕТСКИ РЕЗИДЕНЦИИ) беше награден со почесна пофалница (HONORABLE MENTION).

koncept section fourth_floor

program_concept

КАКО БИ САКАЛЕ ДА ЖИВЕЕТЕ?

Тамара Симјановска, Елена Сотировска:

render_final

Локацијата се наоѓа во град на кој му е позната поделбата и уништувањето, истовремено во област која зборува на јазикот на толеранцијата и мултикултурализмот, каде што највлијателниот симбол е преостанатата лузна и силни мисли за Берлинскиот ѕид – обележје кое сведочи за едно време кое носи ужасни сеќавања. Нашата интенција е да создадеме нов симбол на Берлин кој ќе внесе нов начин на живот, истовремено обидувајќи се да ја избрише меморијата за еден ѕид кој одвојува, напротив, создавајќи нови, позитивни мемории за живеење во извонреден транспарентен „ѕид“ кој ќе соединува.

 

aksonometrija_final

Овојпат, гледањето низ ѕидот и престојувањето во зоната помеѓу ќе биде повеќе од дозволено и ќе биде сечија желба да биде дел од новите среќни сеќавања создадени тука. Објектот одговара на концепт кој ја зачувува локацијата позната на жителите по својата пространа, зелена површина и отворен поглед кон река – создавајќи приватни и колективни простори во подземјето, комбинирано така да генерира јавен, социјален комплекс во зоната помеѓу нашиот „ѕид“ и „графити“ ѕидот наспроти, кој е од посебно значење за жителите на Кројцберг.

На прашањето: „Како би сакале да живеете?“, нашиот одговор е:„Во силна структура која е транспарентна, но цврста, тесна, но пространа, одвоена, но обединета, индивидуална, но јавна – со визија дека во еден момент секоја од вратите ќе биде отворена и целиот простор ќе се трансформира во пространа заедничка „куќа“ за сите станари.“

wp_pro1

Проект на Тамара Симјановска и Елена Сотировска е добитник на наградата за особен успех од Изложбата на Архитектонски Студија  08 (ИАС  08 / 2016)  која ја доделува Архитектонскиот факултет-Скопје и на наградата Едвард Равникар, која ја доделуваат  Архитектонски Факултет – Скопје и Амбасадата на Република Словенија.

КАКО БИ САКАЛЕ ДА ЖИВЕЕТЕ?

Ирина Цоневска, Марија Гелмановска, Александар Кочовски, Лилјана Јанкова:

rend1 Одговорот на нашиот тим на оваа комплексна задача беше да се распрсне програмата на индивидуални ќелии за живеење, кои ќе бидат поврзани во органски, нехиерархиски систем, кој би создал еднаквост помеѓу сите кои живеат во него. Ќелиите се поставени во решеткаста структура која, и по хоризонтала и по вертикала, ја имитира мрежната структура на голем град, создавајќи состојба на тродимензионален микро-град на локацијата во Кројцберг.

sit

Проектот предлага една колективна форма/мегаформа навраќајќи се на архитектонските идеи и градски референци на Берлин од 1960-тите и 1970-тите (Free University of Berlin, Candilis, Josic, Woods and Schiedhelm). Но за разлика од прогресистичките визии на радикалните мегаформи од минатото, предлогот се однесува на едно локално место, на една градска парцела. Преку ортогоналната решетка која постапно се полни со стамбени единици се создава нестабилна порозна структура на ситуации, програми, материјали.  Се чини типологијата на берлинските блокови со внатрешни дворови се дисперзира во еден тродимензионален бран.

rend2

Станбените ќелии се нееднакво распределени низ структурата, создавајќи неколку внатрешни дворови кои го олеснуваат влегувањето на светлината низ порозната форма на објектот. Непостоењет на јасна хиерархија во структурата создава состојба на просторно поле – архитектонска демократија. Распределбат на ќелиите во просторната и конструктивна мрежа генерира градини и простор за средба и социјализирање со соседите, со што просторот за домување ефективно станува вертикална градина.Овој систем е кренат од земјата, создавајќи слободно приземје кое функционира како парк, задржувајќи го отворениот зелен простор кој е еден од ретките такви простори во Берлин.

Подготви: Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Викторија Богданова, Александар Петановски, Гордан Петров

(педагошки тим на Студио 8/1, Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top