Насловна / Градежништво / АДИНГ – барометар на пазарот во регионот и пошироко

АДИНГ – барометар на пазарот во регионот и пошироко

08
Приказната за компанијата АДИНГ започнува во далечната 1969 година. Со петмина вработени. Нивната визија била да се направи компанија која најпрво ќе почне со пласман, а потоа и со производство на специфични хемиски материјали за градежништво, кои сè дотогаш не биле привилегија ниту на една македонска компанија. Во мај таа година е регистрирана работната единица КГК „Инженеринг“, како дел од матичното претпријатие КГК од Карловац, Хрватска. Две години подоцна таа се припојува кон ОХИС и продолжува да работи под името ОХИС ООЗТ „Инженеринг“. Почнува и производството на првите количества пластични малтери.
Во 1978 година во ОХИС настануваат низа трансформации и тогаш се издвојува во самостојна работна организација Р.О. „Инженеринг“, регистрирана за производство на адитиви и други хемиски производи за градежништво и инженеринг. Во 1980 година го менува името во „Адитиви инженеринг“ или скратено АДИНГ. Веќе во 1982 година се изградени производствени хали, лаборатории, гардероби, кујна, базно производство…
Но секоја успешна приказна минува низ премрежија. Па така и АДИНГ. Најтешкиот период за неа е од 1987 до 1989 година, кога се случи хаварија во која загинаа седуммина нејзини вработени, при експолозија во производствениот погон. Компанијата е во целосен колапс. Тогаш АДИНГ оди повторно во составот на ОХИС. Но, големата компанија со текот на времето ја гуши малата. Па затоа, по напорна битка со бирократизираните структури, младите кадри на АДИНГ успеваат да се раздружат од ОХИС.
Од 1990 година приказната за АДИНГ добива нов здив. Речиси од нула започнува да се испишува нова страница од историјата на компанијата. Финансиите, репроматеријалите и останатите ресурси се сведени на минимум. Благодарение на огромната желба, ентузијазмот на младиот раководен тим и вербата во некогашниот сон, АДИНГ започнува со консолидирање на своите редови. Се обновуваат контактите со старите пазари и странски партнери, но во 1992 година повторно удри кризата во поранешна Југославија.
Секогаш отворен за нови идеи и иновации, АДИНГ во изминатите 45 години прерасна во редок пример на македонска компанија, лидер во својата област во регионот на Југоисточна Европа. Впрочем, тоа го кажува и слоганот на компанијата, да се биде состојка на секоја градба, притоа настапувајќи визионерски, храбро и посветено во работењето.
Компанијата од 2006 година до денес ја води Благоја Дончев, кој својот работен век го започнал во АДИНГ, притоа поминувајќи низ сите скалила на компанијата, за денес успешно да се справи со предизвиците на модерното време.

По повод овој значаен јубилеј, разговараме со Благоја Дончев, генерален директор и претседател на Управниот одбор на АДИНГ.

Господине Дончев, деновиве се навршуваат 45 години од основањето на АДИНГ, компанија на чие чело денес сте Вие. Во неа сте речиси целиот Ваш работен век. Можете ли да издвоите некои моменти, кои според Вас се најзначајни за она што е АДИНГ денес?
Четириесет и пет години постоење на една фирма се години на искуство, знаење и потенцијал да се продолжи по утврдениот пат со сигурни чекори. Тие 45 години АДИНГ се развиваше во опкружување кое носеше многу турбуленции, со промените од еден во друг општествен систем, со распаѓање на една голема држава и раѓање на нова, а притоа проследени со војни и транзиција која сè уште трае. Во тој период имавме многу успеси но и падови, кои нè направија поцврсти и отпорни за да можеме и понатаму да бидеме фирма – лидер во Југоисточна Европа со мотив тоа и да останеме.
Несреќата во 1987 година во фабриката на АДИНГ во која загинаа седум наши вработени, можеби беше најтешкиот период за АДИНГ. Но успеавме да се преродиме како феникс, за две години ги саниравме последиците со помош на тогашниот ОХИС, и во 1990 година ја започнавме новата историја на АДИНГ, во време кога Македонија стануваше независна држава, а фирмите се трансформираа од општествени во приватни на акционерски принцип.
АДИНГ беше една од првите пет фирми во Македонија кои успешно ја завршија приватизацијата. Таа стана сопственост на вработените на многу транспарентен и правичен начин, без потреси и превирања бидејќи сите вработени имаа еднакви шанси да учествуваат во приватизацијата спрема тогашните закони. Со 100% акционерски капитал продолжи подемот на компанијата, чувствувајќи ги сите транзициски тешкотии и кризни години сè до денешниот 45-годишен јубилеј.

Неодамна во едно интервју го споменавте проектот „Нови профитабилни бизниси – АДИНГ 2019“. Можете ли да ни кажете нешто поподробно за него, за неговите цели, но и за очекувањето од неговата реализација?
Во овие 45 години АДИНГ ја профилираше својата производствена програма, по што е препознатлив на пазарот, како на домашниот така и на странскиот. Сакајќи да ја прошириме нашата дејност, на почетокот на оваа
година го промовиравме проектот „Нови профитабилни бизниси АДИНГ-2019“,
петгодишен период кога АДИНГ ќе одбележи 50 години од своето постоење, со цел да добиеме идеја од поединци и фирми за заеднички профит во која било област која не е слична со дејноста на АДИНГ.
Очекуваме и се надеваме дека во тој период ќе добиеме „профитабилен бизнис“ од нови производи и технологии, кој ќе донесе добивка и на АДИНГ и на доносителот на идејата. Оптимизмот доаѓа поради тоа што ние имаме потенцијал, инфраструктура во Македонија и во многу земји во регионот и пошироко во светот.

slide 07Teniski Pod Objekt 01
АБ преднапрегнати прагови, Скопје, Македонија;         Тениско игралиште – Х.Гранит, Охрид, Македонија;
rek-bitola-razladna-kula2spomenik-makedonium(1)
Разладни кули, РЕК Битола, Македонија;                         Споменик Македониум, Крушево, Македонија

Конкуренцијата е немилосрдна. Тоа сигурно го чувствувате при вашиот настап на пазарите дома и во регионот. Што преземате за да ѝ парирате, и на тој начин да ја добиете битката со неа?
Кризата ја изостри конкуренцијата во Македонија и во останатите земји, и придонесе фирмата да се бори на пазарот со силни светски „бренд“ компании, но и со нелојална и „мануфактурна“ конкуренција која може да егзистира само во услови на транзиција. Нашиот одговор на оваа состојба е: квалитетни, стандардни и конкурентни производи по сите европски и светски критериуми, знаејќи дека само таквиот пристап може да нè одржи на пазарот. Веќе и сами знаете дека поминува времето на случајни и „транзициски фирми“, кои во транзициските земји сè уште можат да произведуваат и да продаваат лоши производи под мотото „сега да заработам и утре ќе работам нешто друго“. Ние го одржавме брендот и сега наша конкуренција се главно најдобрите европски и светски производители со кои тешко се бориме бидејќи големите инженерски проекти во регионот (автопати, брани и други големи проекти), потпомогнати од своите држави кои ги кредитираат проектите, ги елиминираат помалите фирми како АДИНГ. Но ние сме тука и се бориме за дел од „колачот“ со нашето инженерско присуство на терен и докажување дека не сме помалку способни од нив.

Во вашата компанија секогаш му се посветувало големо внимание на развојот. Како стојат работите на овој план денес? Можеме ли да зборуваме за некои нови производи на компанијата?
Развојот на компанијата во сите нејзини делови, поточно во производствената програма е од висок приоритет бидејќи само тоа може да носи перспектива. Усовршување на постојните производи и нивна замена со нова генерација е основната грижа во нашиот институт и инженерите од техничка примена задолжени за пазарот. Имаме воведено нови адитиви од најновата генерација, нови формулации во хидроизолациите, епоксидните системи, противпожарните системи како и во многуте помошни производи за градежништво.

Untitled_Panorama1 (5)

Каква е структурата на вработувањата во компанијата, и колку е за Вас важен приемот на новите стручни кадри?
АДИНГ е инженерска компанија во која доминираат градежни инженери, архитекти, технолози, хемичари и друг високо стручен кадар. Тие се главни носители и двигатели на развојот. Најголема грижа посветуваме токму на инженерскиот кадар и скоро секоја година примаме млади инженери од наведените струки со цел брзо да ја поминат „школата на АДИНГ“ и да станат дел од тимот што успешно ќе го одржи и продолжи успешното работење на АДИНГ.

Работата и пласманот на производите во странство се посебен предизвик за секоја компанија. Последниве години уште повеќе, поради економската криза. Како и колку успева АДИНГ да се соочи со тој предизвик?
АДИНГ како традиционално извозна компанија, може да се каже дека е како „лaкмус или барометар“ на состојбите на пазарот во регионот и пошироко, со оглед на тоа што со нашите производи сме присутни многу долги години во сите земји на Балканот и во повеќе држави од бившиот Советски Сојуз, како и во Иран и арапските земји.
Нашите проценки се дека и оваа година ќе биде кризна и тешка, особено на Балканот, во Украина и во Русија (кризата околу Украина е неизвесно што ќе донесе). Во Иран, каде отворивме партнерска фирма со ирански партнери и изградивме фабрика, добро почнавме, но тоталните санкции не ни дозволија една добра инвестиција да заживее и моравме фабриката да ја ставиме во мирување. Единствена светла точка е Казахстан, каде сме долго присутни со наши производи и со техничко-инженерски инструкции на многу проекти кои се градат – повеќето бетонски автопатишта, каде што неколку години сме етаблирани и докажани партнери на најголемите нивни проекти. Исто така, очекуваме дека ќе реализираме поголем извоз во Либија каде досега немавме пласман, како и во Узбекистан.
Во овој момент најголеми градилишта се Македонија и Србија во инфраструктурните проекти, во опаѓање е Косово, во Бугарија, Романија, Црна Гора и во БиХ многу помалку се гради, а Хрватска речиси и да нема поголема инвестиција. Големи проблеми ни предизвикуваа честите предвремени и непланирани избори во државите каде работиме бидејќи големите проекти се главно државни инвестиции и во такви околности има застои во работата, а особено во финансирањето.

OLYMPUS DIGITAL CAMERASveti_Rok_Tunnel_in_June_2012
Газпром, Москва, Русија;                                                               Тунел Свети Рок, Хрватска;
05 superfluidKazahstan
ХЕЦ Св.Петка, Македонија;                                                           Цементно – бетонски автопат, Тараз, Казахстан

Колку влијае украинската криза на пазарите на кои сте присутни во тој регион?
Во Украина АДИНГ беше присутен долги години, но во последно време немаме извоз поради несигурноста и големите курсни разлики како последица на обезвреднување на домашната валута. Сегашната криза веќе се одразува на нашиот извоз во Русија, вредноста на рубљата паѓа во однос на доларот и еврото, нашите производи стануваат неконкурентни спрема домашните. Тоа се веќе знаци, дека може да дојде до нарушување на европскиот пазар – зголемување на цените на главните енергенси и репроматеријали кои ги користиме во процесот на производство.

Вашата компанија, иако не е голема, е една од ретките во земјава која има свои фирми во странство. Како работат и колку тие придонесуваат кон нејзиното успешно работење? Колкав е извозот и каков е односот процентуално меѓу домашниот и странскиот пазар?
Ние сме една од ретките македонски компании што се осмели да инвестира надвор од Македонија. Отворивме фирма во Перник – Бугарија каде се произведуваат еден дел производи од нашата производствена програма. Со оваа инвестиција АДИНГ доби фирма во ЕУ, со што треба да ги зголеми можностите за поголем пласман во Бугарија, Романија и поради добрите сообраќајни врски во Казахстан. Како што веќе споменав, фабриката во Иран беше наша втора инвестиција во странство, а за која сега бараме најповолно решение како да продолжиме со работа.
Извозот на АДИНГ во последните пет години се движеше од 45 до 70%. За жал, кризата во последните три години го успори нашиот раст на извозен план, со надеж дека оваа година намалувањето ќе запре и дека тој ќе биде минимум 51% од вкупниот пласман што од секојпат бил наш предизвик, повеќе да продаваме и да се докажуваме надвор од Македонија, со што го докажуваме „можното“ но најтешкото, да бидеш прифатен и успешен надвор од државата со пласман на производи, „спакувана памет“ во готов производ, со македонски бренд и потекло од Македонија. Тоа нешто е „привилегија“ на побогатите европски земји, а нас ни е „дозволено“ само декларативно.

Градежништвото кај нас е во постојан подем последниве години. За тоа зборува и растот на учеството на градежништвото во БДП. Дали тоа се одрази и врз работењето на АДИНГ?
За разлика од странските пазари, домашниот пазар за градежништвото успеа да овозможи една експанзија која создаде услови тоа да преживее, но и овде да ги почувствува во повеќе наврати ударите на неликвидноста на фирмите потпомогнати со скржавоста и скапата финансиска поддршка на банките.
АДИНГ на домашниот пазар го реализираше планот и очекуваме тоа да се случи и оваа година.

Од Владата се најавени големи инфраструктурни зафати. Дали сте подготвени за учество во нив и какви се Вашите очекувања во однос на нив?
Големите инфраструктурни проекти кои се во тек и кои се отпочнати, како и повеќе најавени странски инвеститори, даваат надеж дека ќе има можности, но со една голема резерва од наше искуство дека каде има големи проекти таму се и „големите играчи“ од странство, односно доаѓа и голема конкуренција на понудувачи на производи и услуги, а државата не може да ја најде формулата домашните фирми да имаат „мала привилегија“ во случај кога се гради со наши пари. Се надевам дека Кинезите што ќе ги градат автопатите во Македонија ќе го почитуваат договорот за учество на домашни фирми. Очекуваме АДИНГ да биде вклучен на овие проекти преку македонските фирми „Гранит“, „Бетон“ и „Трансмет“ бидејќи тие се веќе ангажирани, а АДИНГ има одлична соработка со нив.
IMG_5580

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top